Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Оддел Македонија продолжи со реализација на програмата на проектот „Улогата на полицијата во развојот на демократизацијата на општеството“, кој започна во Охрид на 1 и 2 јули оваа година. Имено, викендов, на 2 и 3 септември, во Крани беше одржана втората работилница на која беа опфатени и разработени теми чиј предмет на интерес даде одговори за придонесот на полицијата во развојот на демократизацијата на општеството, што всушност е и главната цел на овој Проект.

Во рамките на работилницата беа опфатени темите „Правата на човекот и граѓанинот – реалност, потреба обврска?!“, „Организацијата на МВР (Полицијата), ’стремеж’ за заштита на правата на човекот и граѓанинот, но и причина за повреда и ограничување на истите“, „Разговор со дете во демократско општество (подготовки, помагала кои го олеснуваат сослушувањето на детето)“, „Разговор со дете во демократско општество (етапи, транскрипција и проблеми при сослушување на детето)“, „Лишување од слобода и приведување“ и „Несоодветно постапување при лишување од слобода и приведување“. Предавачи беа Климе Иваноски, Мирјана Петрова-Велковска и Љупчо Ѓурчевски, сите тројца работници од Министерството за внатрешни работи.

Имено, Проектот продолжи со афирмирање на ставот дека главна одлика на демократското полициско работење е идејата дека полициските активности се извршуваат со согласност на народот. Бидејќи Полицијата не може да претпостави дека постојано делува во согласност со сите граѓани, од таа причина мора постојано да работи за да се осигура дека јавноста ги одобрува нејзините постапки. Како предуслов за добивање поддршка од јавноста е транспарентноста во полициското работење и гаењето на комуникација и заедничко разбирање помеѓу Полицијата и граѓаните. Во контекст на наведеното, а поаѓајќи од многуте дебати, нејаснотии, полемики, прашања кои се развија на работилницата и на кои се дадоа конкретни одговори и насоки за постапување, неспорно се доаѓа до заклучок дека Полицијата несомнено има огромна улога во развојот на демократизацијата на општеството, која улога од ден на ден сè повеќе настојува да ја зајакне, со цел овозможување чувство на сигурност кај граѓаните дека се безбедни граѓани на една држава и граѓани чии права и слободи се максимално почитувани.

Како што веќе беше изнесено, а со цел остварување на целите поради кои е започнат проект од ваков тип, здружението ИПА не застанува тука со негова реализација. Имено, во иднина следуваат уште неколку работилници, на кои ќе се обработува различна проблематика во однос на темите што беа предмет на интерес на работилниците во Охрид и во Крани, меѓутоа сепак проблематика во чија суштина лежи почитувањето на слободите и правата на граѓаните, односно придржувањето кон демократијата во општеството, при дејствувањето на Полицијата, што е всушност мисија и крајна цел на секоја модерна демократска држава.

Please follow and like us:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *