Едукација за поголема сообраќајна безбедност на глувите и наглуви лица

Упатувам огромна благодарност до членовите на Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид, до преседателот на Здружението Александар Стевоски, до Славица Стефаноска, секретар на здружението, кои беа прекрасни домаќини и ни овозможија, вчера (11.04.2024), да реализираме едукативна работилница на теми од областа на сообраќајот, прва од ваков вид, во земјава.
На работилницата, глувите и наглуви лица, како посебна и ранлива категорија учесници во сообраќајот, поблиску беа запознаени со одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и нивните законски конкретни права и обврски како возачи на моторни возила, пешаци и велосипедисти по што, им беа презентирани неколку типизирани видео материјали на тема сообраќај. Полициските службеници, одговараа на низа прашања од глувите и наглуви лица, поврзани со конкретни ситуации во сообраќајот и посебно ја нагласија потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, од совесност и внимателност како личен придонес во јакнење на сообраќајната култура и побезбеден сообраќај.
Александар Стевоски, претседател на Здружението на глуви и наглуви лица од Охрид, како голем проблем ја нагласи отежнатата комуникација помеѓу полицаецот и глувото-наглуво лице, немањето соодветни лепенки за паркирање на нивните возила како и потребата од зголемен број на паркинг места на јавните паркинг простори во градот, наменети за овие лица.
Работилница е поттик на глувите и наглуви лица кон поголема одлучност за комуникација со полициските службеници во врска со нивните проблеми и потреби од областа на безбедноста како и зголемена грижа за инклузивност на оваа категорија граѓани, стекнување основни информации за работата и начинот на функционирање на полицијата, смета Славица Стефаноска, секретар на здружението.
Посебна благодарност за одличната организација и соработка, упатувам до полициските службеници од СВР Охрид-припадници на Интернационалната полициска асоцијација, Билјана Бандулиева-ИПА координатор на секцијата на жени, Александар Трајковски-член на управниот одбор, до началничката на отсекот за превенција при СВР Охрид, Билјана Стојаноска како и до Трајче Ристески, помошник командир на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид.
Инаку, вчерашната работилницата се одржа по неодамна потпишаниот меморандум за соработка помеѓу ИПА и Здружението за глуви и наглуви лица, таа е знак за меѓусебно пријателство со цел, јакнење на комуникацијата меѓу глувите и наглуви лица со полициските службеници. Предвидени се слични едукациски средби и воспоставување на системска меѓусебна соработка и едукација на теми од областа на безбедноста како и можност за запознавање на ИПА полициските службеници со основните одредби од знаковниот јазик и начините на комуникација на членовите на Здружението.

Претседател на ИПА Охрид
М-р Стефан Димоски

Please follow and like us: