УНИВЕРЗАЛНА ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
На 10 декември 1948 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои и прогласи Универзалната декларација за човекови права.
Овој историски акт на Собранието ги повика сите земји членки за објавување на текстот на Декларацијата со цел “да предизвика таа да се дистрибуира, прикажува и прочита главно во училиштата и другите образовни институции, без разлика на политичкиот статус на државите или териториите.
Усвоена и прокламирана од Генералното собрание
со резолуција 217 А (III) од 10 декември, 1948 година
Преамбулата
Со оглед на признавањето на вроденото достоинство, еднаквоста и неотуѓивите права на сите членови, човековото семејство е темел на слободата, правдата и мирот во светот,
Со оглед дека непочитувањето и презирот на човековите права резултираше со варварски акти кон човештвото, доаѓањето на свет во кој човечките суштества ќе ја уживаат слобода на говорот и уверувањето: и слободата од страв и беда е прогласена за највисока аспирација на обичните луѓе.
Човековите права треба да бидат заштитени преку владеењето на правото, каде што е суштествено како да се унапредува развојот на пријателските односи меѓу народите, каде последна опција е побуната против тиранијата и угнетувањето.
Бидејќи народите на Обединетите нации со повелбата ја потврдија нивната верба во основните човекови права, во достоинството и вредноста на човековата личност и во еднаквите права на мажите и жените, се одлучија да го потпомагаат општествениот напредок и подобрите стандарди за живот со поголема слобода.
Земјите-членки се обврзаа ова да се постигне, во соработка со Обединетите нации, преку промоција на универзалното почитување на човековите права и основни слободи,бидејќи општото разбирање на овие права и слободи е од најголемо значење за целосно спроведување на нивната заложба.
Сега, Генералното собрание ја прокламира оваа универзална декларација за човекови права како еден општ стандард за достигнување за сите народи и нации, и за таа цел секој поединец и секој орган во општеството треба секогаш, имајќи ја оваа декларација постојано во умот, да се стреми преку подучување и образование, да го промовираат почитувањето на овие права и слободи и со прогресивни мерки, на национално и меѓународно ниво, да обезбеди нивно општо и ефикасно признавање и почитување меѓу народите на земјите-членки како и меѓу народите на териториите под нивна јурисдикција.
Член 1
Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на братството.
Член 2
Секој има право на сите права и слободи наведени во оваа Декларација, без разлика од каков било вид, како што се: раса, боја, пол, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, имот, раѓање или друг статус.
Исто така, не се прави разлика врз основа на политичкиот, правниот или меѓународниот статус на земјата или територијата на која и припаѓа лицето, без разлика дали е независна, под старателство, без самоуправна власт или под каков друг облик на ограничување на нејзиниот суверенитет.
Член 3
Секој има право на живот, слобода и лична безбедност.
Член 4
Никој не смее да биде држен во ропство или потчинетост; ропство и трговијата со робови е забранета во сите нејзини форми.
Член 5
Никој не смее да биде подложен на тортура, на суров, нехуман или понижувачки третман или казна.
Член 6
Секој има право насекаде да биде признаен како личност пред законот.
Член 7
Сите луѓе се еднакви пред законот и имаат право без никаква дискриминација, на еднаква заштита со закон. Сите имаат право на еднаква заштита од каква било дискриминација која е во спротивност на оваа Декларација и од какво и да е поттикнување на таква дискриминација.
Член 8
Секој има право на ефикасни правни лекови пред надлежните национални судови за дела што ги кршат основните права што му припаѓаат според уставот или законот.
Член 9
Никој не смее да биде подложен на произволно апсење, притвор или прогонување.
Член 10
Секој има право во целосна еднаквост, на правично и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски или при какво било кривично обвинение против него.
Член 11
Секој обвинет за кривично дело има право да се смета за невин се додека неговата вина не се утврди во согласност со закон и на јавно судење, во кое тој ги има сите гаранции неопходни за неговата одбрана.
Никој не смее да се смета за виновен за било кое кривично дело, ако тоа дело или пропуст не претставува кривично дело според националното или меѓународното право, во време кога тоа било сторено. Не смее да се изрече казна поголема од онаа што се применувала во времето кога било сторено кривичното дело.
Член 12
Никој нема да биде изложен на произволно вмешување во неговиот приватен и семеен живот или домот, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на заштита со законот против таквото мешање или напади.
Член 13
Секој има право на слобода на движење и живеалиште во рамките на границите на секоја држава.
Секој има право да ја напушти земјата, вклучувајќи ја и сопствената, и да се врати во својата земја.
Член 14
Секој има право да бара и да ужива во другите земји азил од прогон.
Ова право не може да се повика во случај на прогонување што произлегува од неполитички злосторства или од дејствија што се спротивни на целите и начелата на Обединетите нации.
Член 15
Секој има право на државјанство.
Никој не смее да биде произволно лишен од неговата државјанство, ниту пак да му се порекне правото да го промени државјанството.
Член 16
Мажите и жените кои се полнолетни, без никакви ограничувања врз основа на расата, националноста или религијата, имаат право да склучат брак и да основаат семејство. Тие имаат право на еднакви права пред бракот, за време на бракот и по неговото раскинување.
Бракот ќе се склучи само со слободна и целосна согласност на идните брачни другари.
Семејството е природна и основна ќелија на општеството и има право на заштита од страна на општеството и државата.
Член 17
Секој има право на сопственост, како и во соработка со другите.
Никој не смее да биде произволно лишен од неговата сопственост.
Член 18
Секој има право на слобода на мисла, совест и религија, вклучувајќи го и правото да ја промени својата религија или убедување, како и слободата да сам или во заедница со другите, јавно или приватно, да ја изрази својата религија или убедување преку подучување, практикување , одржување служби или обреди.
Член 19
Секој има право на слобода на мислење и изразување, ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да бара, да прима и да дава информации и идеи преку медиумите и без оглед на границите.
Член 20
Секој има право на слобода на мирно собирање и здружување.
Никој не може да биде принуден да членува во некое здружение.
Член 21
Секој има право да учествува во Владата на неговата земја, непосредно или преку слободно избрани претставници.
Секој има право на еднаков пристап кон јавните служби во неговата земја.
Волјата на народот ќе биде основата на власта; Ова ќе треба да се изразува на повремени и автентични избори, што ќе биде со универзално и еднакво право на глас и ќе се одржи со тајно гласање или според соодветните процедури на слободно гласање.
Член 22
Секој, како член на општеството, има право на социјална сигурност и има право на реализација, преку национални напори и меѓународна соработка, а во согласност со поредокот и потенцијалите на секоја држава на економски, социјални и културни права, неделиви од неговото достоинство и слободниот развој на неговата личност.
Член 23
Секој има право на работа, слободен избор на работно место, праведни и поволни услови за работа и заштита од невработеност.
Секој, без каква било дискриминација, има право на еднаква плата за еднаква работа.
Секој кој работи има право на соодветен надоместок што ќе обезбеди за него и неговото семејство достоинствен живот, и да се дополни, доколку е потребно, со други средства на социјална заштита.
Секој има право да основа и да се зачлени во синдикати заради заштита на неговите интереси.
Член 24
Секој има право на одмор и рекреација, вклучувајќи разумно ограничување на работното време и на повремен платен одмор.
Член 25
Секој има право на животен стандард соодветен за здравјето и благосостојбата на нему и на неговото семејство, вклучувајќи храна, облека, живеалиште и медицинска грижа и неопходни социјални услуги, и право на осигурување во случај на невработеност, болест , инвалидност, вдовство, старост или друг животен недостаток во услови надвор од неговата контрола.
На мајките и децата им припаѓа посебна грижа и помош. Сите деца, без разлика дали родени во или надвор од брак, ќе ја уживаат истата социјална заштита.
Член 26
Секој има право на образование. Образованието ќе биде бесплатно, барем во основното образование. Основното образование ќе биде задолжително. Техничкото и стручното образование ќе бидат општо достапни и високото образование ќе биде достапно за сите врз основа на заслужените оценки.
Образованието ќе биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување на почитта на човековите права и основни слободи. Тоа ќе го унапредува разбирањето, толеранцијата и пријателството меѓу сите народи, расни или верски групи, и ќе се унапредуваат активностите на Обединетите нации за одржување на мирот.
Родителите имаат првенственото право да го изберат видот на образованието што ќе биде дадено на нивните деца.
Член 27
Секој има право слободно да учествува во културниот живот на заедницата, да ужива во уметноста и да го споделува научниот напредок и неговите благодети.
Секој има право на заштита на моралните и материјални интереси што произлегуваат од секое научно, литературно или уметничко дело на кое тој е автор.
Член 28
Секој има право на општествен и меѓународен поредок, во кој правата и слободите наведени во оваа Декларација можат да бидат целосно реализирани.
Член 29
Секој има должности кон заедницата во која единствено слободниот и целосен развој на неговата личност е можно.
Во остварувањето на своите права и слободи, секој човек ќе подлежи само на оние ограничувања што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и да се задоволат предметните барања на моралот, јавниот ред и општата благостојба на едно демократско општество.
Овие права и слободи во никој случај не може да се остварат спротивно на целите и начелата на Обединетите нации.
Член 30
Ништо во оваа Декларација не може да биде толкувано како право за секоја држава, групација или поединец да се вклучат во некоја активност или да сторат некој акт со цел рушење на кое било од правата и слободите предвидени со оваа Декларација.