Category Archives: Настани

IPAOhrid000

„Улогата на полицијата во развојот на демократизацијата на општеството“ – нов проект на ИПА

Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Оддел Македонија започна со реализација на програмата на проектот „Улогата на полицијата во развојот на демократизацијата на општеството“ со првата работилница која се одржа во Охрид на 1 и 2 јули 2017 .

Темата на проектот беше дефинирана поаѓајќи од фактот дека главна одлика на демократското полициско работење е идејата дека полициските активности се извршуваат со согласност на народот. Бидејќи Полицијата не може да претпостави дека постојано делува во согласност со сите граѓани, од таа причина мора постојано да работи за да се осигура дека јавноста ги одобрува нејзините постапки. Како предуслов за добивање поддршка од јавноста е транспарентноста во полициското работење и гаењето на комуникација и заедничко разбирање помеѓу Полицијата и граѓаните. Мерките со кои се постигнува транспарентност и комуникација вклучуваат воведување механизми за да можат граѓаните да бараат услуги од Полицијата, создавање форуми за отворени дискусии, трибини, тркалезни маси и работилници со цел дискутирање за проблемите со криминалот и безбедноста и развојот на демократско полициско работење во општеството. Па, оттука, всушност, и произлезе идејата, поточно неопходноста од реализација на проект од ваков тип.

Во рамките на работилницата беа опфатени темите „Предизвици на полицијата во врска со почитувањето на основните слободи и права на човекот“, „Кодекс на полициска етика“ земајќи ги предвид целите и организацијата на полицијата, полициската интервенција и општите принципи, како и одговорноста и контролата на полицијата и „Односот на полицијата со јавноста на ниво на локалната заедница“ – со осврт на полициската организација и нејзиниот однос со јавноста во Република Македонија. Предавачи беа м-р Јово Баткоски, самостоен советник во Оддел за правни работи, судски постапки и управување со човечки ресурси, Владо Петров, самостоен инспектор за сообраќајноинженерски работи во СВР Штип во БЈБ, и м-р Владимир Петрушевски, началник во СВР Куманово во БЈБ, сите тројца работници од Министерството за внатрешни работи

Имено, Проектот ги изразува целите на демократските полициски служби и сили; значењето на нивната посветеност на владеењето на правото, политичката етика и стандардите за човекови права; суштинската природа на полициската отчетност пред законот и општеството на кое му служат, како и потребата за нивна соработка со граѓаните, признавајќи дека за ефективно полициско работење потребно е партнерство со граѓаните што се опслужуваат.

Важно е да се истакне дека здружението ИПА не застанува тука со реализација на Проектот, односно во иднина ќе бидат организирани уште неколку работилници чиј предмет на интерес ќе биде различен од проблематиката што беше дискутирана викендов во Охрид, со цел унапредување на полициската служба која ја ужива довербата на сите граѓани во земјата и која ги гарантира, штити и ги почитува основните права и слободи, без дискриминација по кој било основ, а сето тоа преку доближување на граѓаните до Полицијата, односно подигање на свесноста на граѓаните за нејзината вредност и неопходност во општеството.

 

За настанот во медиумите: